ЕКО БЛОГ

Екологијата и нејзиното значење во современиот свет

12 април 2024

Екологијата станува се позначајна во современиот свет, бидејќи од примената на еколошките принципи всушност во голема мера зависи и квалитетот на животот на планетата Земја, а во крајна линија и опстанокот на многу природни видови.
Екологијата е интердисциплинарна, многу комплексна наука која применува знаења, техники и методи од повеќе науки, со цел да се заштити еко системот, пред се од негативните влијанија предизвикани со човековото делување на планетата земја.
Со оглед на динамиката со која се развива индустријата и технологијата, а со тоа влијанието врз животната средина е големо, ова е навистина тешка и комплексна задача.
Во суштината на проблемот лежи интеракцијата на природата и човекот. Имено, човекот не е пасивен набљудувач на природата туку претставува интегриран дел од екосистемите. Со развојот на технологијата и растот на човековата популација, во последните децении човекот значително придонесува кон промена на животната средина. Тоа влијание е толку многу големо што предизвикува рапидни промени. И додека тие промени го олеснуваат животот на човекот, го прават покомотен и носат бројни придобивки за него, од друва страна значат и уништување на природни ресурси. Што спаѓа во ова? Најчесто се работи за негативни промени како: трансформација на земјиштето, зголемување на азотните оксиди и јаглеродниот диоксид во атмосферата преку индустриски процеси и согорување на фосилни горива, загадување на почвите и водите, продуцирање и депонирање на отпад, прекумерно искористување на природните ресурси итн.
Тенденцијата на сè поизразеното загадување на животната средина се должи, пред се, на интензивниот развој на индустријата, сообраќајот, брзата урбанизација и на брзиот пораст на населението од една страна, и на недоволната грижа за зачувување на квалитетот на животната средина, од друга страна. Проблемот со загадувањето на животната средина не се јавува само во денешниот современ начин на живеење, тој постоел многу одамна, а доколку не се преземат потребните мерки за негово надминување се очекува да биде многу голем проблем и во иднина.
Грижата денес носи подобри услови утре. И обратно. Ако денес неодговорно и безгрижно ги трошиме природните ресурси тоа ќе доведе до тешки последици во иднина.
За да не биде такво идното сценарио за животот на планетата Земја, науката за животната средина ги изучува ваквите влијанија на човекот во природата и се обидува да понуди методи и решенија за справување со овие негативни промени. Ова го прави на интердисциплинарен начин, преку апликативност од различни професионални профили: еколози, инженери, биолози, хемичари, правници, технолози, географи, архитекти, урбанисти, агрономи, ветеринари, лекари, психолози итн.
Целта е преку мултидисциплинарен пристап вистински да се разберат негативните влијанија и промени, а со тоа да се креираат правилни решенија и политики за заштита на животната средина. Ова значи дека во крајна линија решенијата зависат од човекот. Ако човекот е тој кој го креира проблемот, тогаш и решението зависи од него и тој треба да биде креатор и на решенијата. А областите за загриженост се бројни, бидејќи бројни се областите каде човекот негативно делува врз животната средина.
Покрај општата загриженост која се јавува поради оштетувањата на озонскиот слој, исто така загрижува и зголемувањето на „ефектот на стаклената градина“ (greenhouse effect) или ефект на стакларник, како и проблемите поврзани со загадувањето предизвикани од киселите дождови што ќе предизвикаат климатски промени на Земјата во текот на овој век, и ќе дојде до нарушување на еколошката рамнотежа.
Имено, за целосно решавање на проблемот за заштита на животната средина потребни се низа мерки, како техничко-технолошки, здравствено-хигиенски, економски, општествено-политички и слично и тоа како во рамките на една држва, така и пошироко во рамките на меѓународната заедница, бидејќи овој проблем е светски проблем.
Денес, опстанокот на човекот е во тесна врска со комплексот на еколошките фактори кои дејствуваат врз развојните услови на биосферата, кои овозможуваат живот на земјата. Користејќи ги природните добра за свои потреби, човекот постојано ce менува и усовршува, a со развитокот на индустриското производство, доведува до загрозување и уништување на просторот за живеење на живите организми, вкпучувајќи го и сопствениот простор за живеење.
За среќа на човекот му станува cé појасно дека заемните односи меѓу општеството и природата треба да ce градат врз сознанијата на современата наука, чии постулати ce базираат на принципот на одржлив развој (sustainable development) т.е. развој кој води сметка за идните генерации. Тоа значи дека човекот своите активности мора да ги усогласува со природната средина и на таков начин да го обезбедува својот опстанок.
Само со висока еколошка свест човекот може да дојде до вистинските решенија, а екологијата само на тој начин може да ја исполни својата мисија како наука која треба да ги унапреди условите за зачувување на животната средина.
Сподели на социјалните мрежи

Активностите се во рамки на проектот „Модерно е зелено – Мапирај за чиста Пелагонија“, имплементиран од Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив - Битола, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини", имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, а е финансиски поддржан од Европската унија.