Млади од Пелагонискиот регион ќе мапираат диви депонии
10 октомври 2023
Десет млади од општините Битола, Прилеп, Крушево, Могила и Новаци ќе ги мапираат дивите депонии во нивните населени места, во рамките на проектот „Модерно е зелено – Мапирај за чиста Пелагонија“, што го спроведува Здружението за меѓународна младинска соработка – Интерактив од Битола.
Проектот има за цел да го зајакне младинскиот активизам за позелени општини, но и еколошката свест кај младите и пошироката популација во насока на намалување на загадувањето на животната средина.
Претседателот на Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола, Мартин Николовски, вели дека исполнувањето на „Зелената агенда“ е многу важен чекор на патот на Македонија кон Европската Унија.
„Правилното управување со отпадот е дел и од обврските што нашата земја мора да ги исполни преку Поглавјето 27 за животната средина, како предуслов за да стане полноправна членка на ЕУ. Секоја година од 2020-2023 Министерството за животна средина информира за регистрирани околу 1.000 диви депонии во нашата земја, што значи дека и покрај тоа што се чисти повторно се загадува. Сепак, неофицијално се проценува дека бројот на диви депонии во државата е многу поголем. Голем дел од нив се лоцирани токму во Пелагонија, регион кој е опфатен во овој проект“, рече Николовски.
Дел од проектот е и креирањето на веб-страна со софтвер за мапирање диви депонии во Пелагонија, како и еко блог кој младите волонтери на проектот ќе го користат за објавување на информативно-едукативни содржини од областа на екологијата. Исто така ќе се организираат две еднодневни обуки за волонтерите што ќе вклучат дебатен еко клуб за адресирање на локалните еколошки проблеми во опфатените општини, обука и теренски активности за мапирање диви депонии, како и работилници за екологија, зелена дигитализација, зелено новинарство и работилница за подготовка на еколошка кампања.
Активностите се во рамки на проектот „Модерно е зелено – Мапирај за чиста Пелагонија“, имплементиран од Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив - Битола, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини", имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, а е финансиски поддржан од Европската унија.
Сподели на социјалните мрежи